Радосниот детски одек на вториот летен камп по веронаука

2018-06-26T09:02:22+00:00 26 јуни, 2018|Настани|

Со молитва и дружба, послушанија и забава, помина и вториот летен камп по веронаука во нашите свештени обители Бигорски и Рајчица. Над триесетина дечиња, овој пат повеќето од Битола и Велес, имаа можност пет дена, преку разни активности и часови по веронаука, да учат за основите на спасителната Христова вера, но и да се исповедаат и причестат со светите Христови Тајни. Тие исто така, дознаа и нешто повеќе за историјата на Охридската архиепископија и на Бигорската Обител, а кога го посетивме прекрасниот Галичник, се запознаа подлабоко и со духот и дејците на македонската преродба. Така, тие научија по нешто за галичките великани: Митрополитот Партениј Зографски, преродбеник, филолог, учител, првиот наш учебникар; Арсениј игуменот Бигорски, кој го отворил првото народно училиште во Галичник кај црквата Св. Петка; Ѓорѓија Пулевски, отец Овентиј Фрчковски… Притоа, особена благодарност им должиме на г. Александар Костиќ, Претседател на галичкиот одбор, и на коњичкиот клуб „Бистра-Галичник“, за нивното несебично гостољубие. Му благодариме и на г. Горан Филипоски од планинарското друштво „Бистра“ за неговата пожртвуваност во реализирањето на прошетката.

Најдрагоцен дар за дечињата беше и овој пат дружбата со монасите и монахињите и особено миговите поминати во присуство на Старецот, Архимандрит Партениј.


Во продолжение ви наведуваме дел од нивните впечатоци:

Наум Михајловски од Битола, 14 години: „Му благодарам на Севишниот Бог – Седржител, Кој ми ја подарил оваа духовна радост и моето срце радосно да игра преку молитви, во Бигорскиот Манастир. Слава Му вечна, ова искуство ќе го помнам и ќе Му благодарам на Господа… Благодарност и до Високопреподобниот Архимандрит и Игумен, о. Партениј, за неговата љубов и милост кон нас, со сето негово братство… Со благословот Божји и на монасите, ние дочекавме и уште една нова работа – да го пееме заедно во Бигорската Обител канонот на Свети Јован Крстител и на вечерната богослужба. Работевме возбудливи активности: беревме малинки во овоштарникот на Манастирот, близу скитот на Св. Преподобен Серафим Саровски – прекрасен нов храм. Освен тоа за овој голем Светител гледавме и анимиран филм… Ова беше една света и незаборавна недела – пријателство, љубов и молитва кон нашиот Господ Исус Христос. Читавме и учевме делови од Светото Писмо – Библијата, присуствувавме на Светата Божествена Литургија… Го научивме величанието на ктиторот, Св. Јован Дебарски. Учевме и за Господовите празници. Се исповедавме и причестивме. Оваа радост во душата ни играше и Го славевме Бога Севишниот. Слава Му на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!“

Атанасиј Нашоку од Битола, 12 години: „Во понеделникот учевме повеќе работи за Црквата и за Христијанството. Се запознавме со монасите. Вторникот читавме книга за Свети Серафим Саровски и гледавме цртан филм за него. Среда од сабајле отидовме во Галичник, но за патот до Галичник отидовме на едно место каде што јававме коњи и игравме фудбал. Во Галичник ја посетивме црквата Свети Петар и Павле…“

Филип Восиленко од Битола, 12 години: „Јас имам многу спомени од Манастирот. Првиот спомен ми беше кога дојдов во Манастирот, кој многу ми се допадна. Вториот спомен ми беше кога учевме за Галичник. Прекрасен спомен ми беше кога ја учевме песната Пастиру на Охрид, радувај се… Ви благодарам што нѐ примивте. Најдобар спомен од овие сите ми беше кога се дружевме со монасите и пиевме чај. Ви благодарам од сѐ срце што нѐ примивте“.

Стефан Анастасов од Велес, 12 години: „Прво, да се заблагодарам на отец Партениј, бидејќи нѐ прими како свои деца. Времето беше добро испланирано, со многу активности и забава. Монасите добро се однесуваа кон нас и немаше ниту еден проблем. И многу сум среќен што ми се даде можност да одам на ваков летен камп…“