„Поврзување со приказна“

2018-06-20T10:43:38+00:00 29 октомври, 2017|Публикации|

Водење на работилница на Семинар: ХРИСТИЈАНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ЕВРОПА, 29 октомври 2017 лето Господово

M-р Жанета Чонтева, советник за истражување и истражувачки проекти во образованието, Биро за развој на образованието, Министерство за образование и наука

Во воведниот дел од обраќањето, советничката од Бирото за развој на образованието презентираше предлог истражувачки модел за следење на промените/ефектите од наставата по изборниот предмет Етика во религиите. Беше предложено наставниците да изготват прашалник за учениците што ќе ги мери нивните знаења, ставови, и вредности по однос на поставените цели во наставната програма. Прашалникот треба да се зададе на учениците пред отпочнување со обработката на темите и по завршување со последната содржина. На тој начин ќе се обезбедат квантитативни показатели за промените што ќе се случат кај учениците, а за кои се претпоставува дека се должат на програмираните цели, содржини и активности во наставната програма.

Во вториот дел од излагањето беше презентиран работилничкиот начин на поучување од аспект на тоа колку истиот може да придонесе за осовременување на наставата по изборниот предмет Етика во религиите. Реализирањето на часовите во форма на работилници, исто така, беше разгледувано и од аспект на тоа колку може да придонесе за поттикнување на креативноста кај учениците, односно за намалување на агресивното поведение.

„Часот-работилница овозможува сите ученици активно да учествуваат во реализацијата на целите. Вклученоста на сите учесници во креирањето и реализацијата на часот ги менува улогата, одговорноста и позицијата на наставникот и на ученикот. Вака реализираниот час има цели кои се насочени кон процесот, поврзувањето, соработката… Атмосферата која се создава е поттикнувачка, позитивна и безбедна и овозможува слобода за изразување и развој. Во услови на поттикнувачка и кооперативна атмосфера учениците во работилницата имаат можност активно да се вклучат во текот на целиот процес преку: асоцијации, предлагање идеи, поставување прашања, давање одговори, решавање проблеми, односно преку цртање, пишување, движење, драматизација, игри и сл.

Во работилницата се обезбедуваат услови комуникацијата да тече слободно меѓу сите ученици, вклучувајќи го и наставникот. Еден исказ треба да поттикне друг исказ, прашање или идеја. Со тоа се создаваат услови за размена на знаењата и искуствата. Размената се поттикнува со воведување различни техники на групна работа: учениците можат да зборуваат или да ги изведуваат своите искуства во двојки, тријади, во помали групи или во целата група. На тој начин на учениците им е дадена посебна слобода и повеќе можности за претставување, поврување и размена: симболички (преку глас, збор, цртеж, движење, игра), директно (зборувајќи за сопствените доживувања и чувства), индиректно (слушајќи ги и надоврзувајќи се на искуствата на другите).

Со начинот на водење и однесување во работилницата, наставникот претставува важен извор на учење. Освен изборот на методи и техники со кои ќе се одвива активноста, важни се и ставот, однесувањето и стилот на водењето на работилницата. Учениците набљудуваат како водачот обрнува внимание, комуницира, покажува почитување, предлага идеи, изнаоѓа решенија“, истакна г-ѓа Жанета.

Во последниот дел од обраќањето беше реализирана работилницата: Поврзување со приказна (лепеза). Уче(с)ниците се поделија во тријади. Секоја тријада доби лист превиткан на три дела, секој дел има недовршен цртеж (прави, криви, заоблени, затворени и отворени линии). Секој во таа тријада довршуваше по еден од цртежите, а потоа се направи приказна за цртежите – секој смисли приказна за цртежот од оној другиот. Од трите приказни се создаде една заедничка, на која ѝ се даде наслов и авторско име-комбинација од слоговите од имињата на учесниците во тријадата.

По работилницата следуваше дискусија по однос на тоа како истата може да се прилагодува на часовите по изборниот предмет Етика во религиите, на која тема да се постави, како да се води дискусијата со учениците, како да се извлечат целите и сл.