Позитивни искуства од воведувањето на предметот „Етика во религии“ во основното образование

2018-06-20T11:03:05+00:00 22 април, 2017|Публикации|

Проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје

22 април 2017 лето Господов

Христос Воскресна!

Ваше Високопреподобие, почитуван директор на Бирото за развој на образование, претставници на Бирото за образование, претседател и основачи на Здружението, почитувани членови на Управниот Одбор, почитувани колеги!

Моето учество на овој значаен настан за мене преставува навистина голема чест, но и огромна радост, имајќи го предвид поводот за оваа средба, прва по ред, на наставниците по предметот Етика во религиите. Благодарение на – ќе ги повторам зборовите на отец Бобан – вообичаеното гостопримство укажано кон нас од страна на неговото Високопреподобие, Архимандритот Партениј, ова благословено среќавање се случува во оваа прекрасна просторија од овој велелепен манастир. За тоа неизмерно му благодариме.

Размислував да  почнам поинаку со моето обраќање, но после изговорените поучителни зборови од претходниот говорник, решив да се надоврзам на она што беше кажано од игуменот, кој е еден вид, би рекол, специјалист по семејна и духовна медицина. Тука во манастирот доаѓаат возрасни, но доаѓаат и деца. И едните и другите подеднакво имаат потреба да слушнат и да бидат со Бога. Па така, во тие малку искажани зборови, мислам дека се содржи целата суштина на она што во текот на денот, а и во периодот кој следи, ќе треба да се продолжи да се дискутира и размислува: што треба да направиме ние во таа насока и што очекуваат од нас децата што го посетуваат предметот Етика во религиите, и сето тоа во состојба на голема одговорност, а ограничени услови на работа. Вие знаете дека дури и не може да се прави споредба со другите предмети кои децата ги изучуваат во текот на своето редовно школување. Станува збор за специфичен, различен предмет кој токму заради својата посебност содржи и посебна одговорност: во текот на само една година наставникот треба да се обиде да му понуди на еден млад човек знаење, кое ќе му послужи како насока во неговиот живот, но и основа врз која подоцна ќе се гради иднината на оваа земја и на оваа Црква. Тоа што тој ќе го научи од вас, доволно е да му послужи макар и во само еден момент од неговиот живот, во оној миг кога ќе се најде на раскрсница, кога ќе треба да направи избор и да ја донесе вистинска одлука.

Имаше различни размислувања во која насока би требало да започне и да се движи дискусијата на оваа наша денешна средба. Постоеја предлози во оваа прилика да се обрне внимание врз споредбите, сличностите и разликите на термините „веронаука“, „религиозна едукација“, „етика во религиите“, зашто сите тие се различни називи за една иста тематика, зависно од тоа врз што е поставен акцентот. Тоа нè навраќа и на самите почетоци од воведувањето на веронауката во основното образование, како и на двата неуспешни обиди, во голем дел и поради називот на училишниот предмет. И во сето тоа размислување случајно наидов на првото издание од едно наше списание на Скопската епархија, првиот број на „Православен пат“, целосно посветен на веронауката во училиштата. Станува збор за издание кое се појави непосредно по првото воведување на веронауката, каде што, покрај текстовите кои говореа за потребата и значењето на изучувањето на веронауката во училиштата, за искуствата во другите земји, а посебно во Европа, беа собрани и дел од искуствата на вероучителите кои беа активно вклучени во наставата, на нивните анализи и размислувања, што тие тогаш како вероучители можеа да направат и што понатаму треба да се направи. Познато е дека во скоро сите европски земји прашањето за религиозното воспитување во образованието е решено, иако секаде на поинаков начин. Некаде предметот е редовен во наставата, некаде тој се предава и во основните и во средните училишта, некаде тој е изборен предмет и веројатно сето тоа зависи од особеностите, потребите и ставовите на секоја држава. Убави белешки и анализи на оваа тема се содржани текстот на Игор Калпаковски: „Дали верската настава е Европска работа?“. Да не изумиме дека станува збор за период од пред петнаесетина години, кога се очекуваше дека е крајно време тоа што се случува во Европа да се случи и кај нас. Таквите очекувања беа причина за зголемен интерес за студии на нашиот Богословски факултет, кога значителен дел од студентите беа токму девојки. Познато е дека во православието девојките не можат да бидат свештеници, што значи дека во својата визија, согласно општите очекувања, непосредно по завршувањето на факултетот тие себеси се гледаа како вероучители. Врз основа на тоа што се случуваше во другите европски земји – а ние се сметаме за дел од Европа, се очекуваше дека воведувањето на веронауката ќе биде природен процес и дека тоа ќе се случи и кај нас. За жал, познато е низ кои сѐ патешествија минуваше веронауката, предмет кој во краток период доживеа повеќе програми и кој ја менуваше својата физиономија, за да стигне до она што денес го имаме во училиштата како етика во религиите. Во првиот обид од 2002 година, кој траеше многу кратко, за учениците од третото одделение беа подготвени две програми, а се работеше по една, би рекол, визионерска програма подготвена од тогашниот игумен Методиј Златанов, сега веќе митрополит на Американско-канадската епархија. Првичниот обид беше прекинат, па затоа беше преземен втор чекор. Веронауката беше ставена во законска рамка според сите прописи, со прекрасно подготвена програма за учениците од петто одделение. Врз подготовката на програмата се работеше сериозно и долго од страна на комисија составна од професори од Богословскиот факултет, а притоа во голем дел беа користени програмите и искуствата од другите земји, пред сѐ од непосредното опкружување, како Србија и Хрватска. И колку што беше тоа веронаука, толку беше и православна етика, затоа што акцентот беше ставен токму врз етичкиот сегмент од поуката. Најверојатно затоа, по неуспехот причинет од одлуката на Уставниот суд со кој се укина веронауката, беше одлучено таа да се именува како Етика во религиите, со тоа што покрај конфесионалниот, другиот дел беше отстапен на етичкото учење во другите религии. По сето тоа, очигледно е дека еден од значајните пропусти што беа направени на почетокот беше и традиционалното именување на предметната дисциплина, бидејќи не се очекуваше дека тоа ќе предизвика толку сериозна реакција која ќе го одведе наставниот предмет дури и до Уставниот суд. Спомнувањето на „верата“ во називот беше видено и однапред осудено како некаков религиозен проект, кој во едно секуларно општество не треба, не може и не смее да биде спроведен. Од друга страна, пак, ако добро се анализираат случувањата (сега веќе одлуката е донесена и тоа е веќе доцна), во тоа време требаше да се поведе една поширока и погласна дебата за да се објасни што, всушност, подразбира предметот веронаука, бидејќи, како што реков, се работи за опширна област која може да има различни подобласти коишто можат да бидат обработувани и изучувани, а кои никако не се косат со секуларниот карактер на државата. И во таа прва веронаука проблемот беше само во називот! Кога подобро ќе ја погледнете програмата ќе видите дека во најголемиот дел доминираше морално-поучниот карактер, а другиот се однесуваше на основите на православното христијанство врз коешто почива целата наша култура, уметност и литература, оти ние овде друга култура, уметности и литература што не е поврзана со Црквата и со православната традиција дури и да немаме.

Сега, по воведувањето на предметот Етика во религиите како изборен предмет во основното образование, и покрај сите пречки и препреки, како и бројните проблеми со кои се соочувате, веќе неколку години наназад се бележи успешна реализација и одржување на наставата. Од друга страна, пак, неодминлив е впечатокот дека работите како да се препуштени сами на себе, без да се има јасност во која насока тие се движат, па тоа и беше една од причините која доведе до иницијативата за создавање на Здружението.

Анализите кои беа направени пред петнаесетина години, делумно важат и денес. Република Македонија е земја во која најголемиот дел од населението се изјаснува како религиозно, па затоа е несфатливо тоа што веронауката, религиозната едукација, етиката во религиите или како сакате да ја именуваме, да биде запоставена или сосема отфрлена. Со самото тоа што најголемиот дел од населението се изјаснува како православно би требало да се очекува родителите и нивните деца не само да се сложат во поддршката на наставниот предмет во училиштата, туку тие треба да бидат двигателот кој ќе придонесе кон правилна, поопширна и целосна реализација на предметот во наставата. Познато е дека православните Македонци кои се наоѓаат во други земји можат да имаат свои наставници по веронаука и тоа во склоп на државното образование, како што тоа е случајот во Хрватска. Постојат и анализи за тоа како е решено прашањето за веронауката во Србија, Бугарија, но, повторно велам, тоа се сѐ различни решенија, кои колку што зависат од моменталната политичка одлука, толку зависат и од дадениот општествен контекст. Ние не можеме да не го имаме предвид фактот дека на овие наши простори имаме една разнобојна слика во однос на вероисповедта, па затоа и решенијата од соседните држави не секогаш можат да се применат и во нашата земја. Постоечката програма по предметот Етика во религиите отстапува простор не само за сопствената вероисповед, туку и за другите конфесии, што е секако позитивна карактеристика. Ние постојано слушаме колку е важен меѓурелигискиот дијалог. Тој навистина е важен, и во светски и во локални рамки, но останува отворено прашањето: дали вие можете да стапите во меѓуверски и меѓурелигиски дијалог доколку воопшто не ја познавате сопствената вера? Значи, пред да почнете да разговарате, најнапред треба да имате јасна претстава за сопствениот верски идентитет, за да можете понатаму да стапите во контакт и да разговарате за верата со оној кој е од друга вероисповед.

И она што можеби е најважно, а сметам дека во таа насока би можело да се продолжи со размислувањето е прашањето: дали предметот етиката во религиите, кој се предава само една година како изборен предмет во 6-то одделение е сосема доволен, или треба да се размислува и да се започне иницијатива за воведување на друг, дополнителен предмет, кој, покрај носечката религиозно-етичка компонента, главно би се восредоточил на религиозното духовно и културно наследство, сочувано во литературата, уметноста и архитектурата.

На крајот нека ми биде дозволено да се заблагодарам на вниманието и на учесниците на семинарот да им посакам успешна работа.