Потребата на современото македонско општество од предметот Етика во религиите во образованието

2018-06-20T10:37:22+00:00 29 октомври, 2017|Публикации|

Предавање на Семинар: ХРИСТИЈАНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ЕВРОПА, 29 октомври 2017, Битола

Петар Миленков, професор по наставниот предмет „Етика во религии“

Почитувани колеги!

Темата за која ќе говорам е значајна за нас како професори по Етика во Религиите и е сосема природно на овој семинар да се говори за важноста од овој предмет во образованието, но самото излагање не би сакал да го насочам кон нашите проблеми. Тоа се проблеми поврзани со статусот на предметот во образованието, а со самото тоа и со статусот на наставниците по Етика во религиите, проблеми кои не се небитни и влијаат на нашата работа. Но сепак, она што е најважно, односно првостепено, е нашата христијанска одговорност и посветеност на општото добро. Лично сметам дека семинарот е добра можност да се поттикне нашата одговорност, да размислиме и за тоа кои се проблемите на другите, оние на кои им се обраќаме – учениците, што ние можеме да им понудиме на нив и што реално им даваме како соодветна духовна и морална храна.

Технички, темата на која ќе говорам е насловена како: Потребата на денешното Македонско општество од предметот Етика во религиите во државното образование. Акцентот е ставен на потребата, што подразбира дека религиското образование му е потребно на денешно општество во Македонија.

Како теолог – долгогодишен активен вероучител и како наставник по предметот Етика во религиите во Основните училишта во општина Ѓорче Петров, секојдневно се сретнувам, како што и впрочем, повеќето од вас, со личности во Црквата па и во образовните институции, кои себеси се декларираат како православни христијани, ги посетуваат црквите, водени од најразлични причини – помош и реализација во работата, зацврстување на семејната заедница, успех во животот, место каде може да остварат нови познанства, да најдат ново друштво, барање на мир од секојдневните напорни обврски, реализирање на своите „духовни“ потреби, доживувајќи ја најразлично Црквата. Очигледно е дека денес современиот човек нема прифатено во целост ниту една религија, па и самото декларирање како православен христијанин, не подразбира секогаш и автентично сведочење на Триличносниот Бог, туку најчесто прифаќање на сегменти кои лично му одговараат, создавајќи си свои божества според своите потреби, проектирајќи Го и обликувајќи Го Бог онака како што им одговара.

РЕЛИГИСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ И МАКЕДОНСКОТО СОВРЕМЕНО ЖИВЕЕЊЕ

Денес живееме во епоха која сѐ почесто се нарекува постмодерна, постхристијанска, која е реалност, време во кое светот целосно не се откажал од Христос и Библијата, но се изместени сите морални вредности и целосно е изменета смислата на основните христијански поими. Дваесеттиот век во современата западна култура, се карактеризираше со еклектичен и индивидуален пристап кон духовноста, кој е вклучен во европските социјални и духовни движења, а за цел имаше стекнување на „универзална вистина“ и достигнување на индивидуални човечки потенцијали, отфрлање на хиерархиските поредоци на религиските учења, парцијално усвојување на модерните научни и псевдонаучни сознанија, во корелација со различни промени во светот кои вклучуваат, но не се ограничени на човековите права, демократијата и иновативната технологија.

Постмодерното демократско – либерално општество, се карактеризира со индивидуален пристап кон духовноста, практики и филозофии и отфрлањето на верската доктрина и учење.

Европската западна цивилизација, онаква каква што се формирала и оформила од времето на ренесансата па до денес, е враќање на елинските мерила на вистината, која се заснова на вера во човекот и неговиот разум, на довербата во сетилното сознание и науката и сѐ повеќе се насочува на времето и материјата (природата), губејќи чувство за Бог и духовниот свет, како и несогледување на правиот однос помеѓу Бог, природата и човекот.

Демократските општества постигнале завиден степен на економска и политичка слобода. Идентитетот на Европа не е секуларистички или неутрално-религиозен. Европа има длабоки христијански корени и денес ретко се спомнува дека во Европа најбројни се христијаните. Иако Европа отсекогаш била место каде што се сретнуваат различни националности, религии, јазици, сепак Христијанството е основата на која се гради целата европска цивилизација.

Современиот свет не е против религијата, напротив дури е и за неа, но е против Христос и Црквата, која се пројавува во светот како „ново општество“. Христијанството е отфрлено од современиот неолиберален свет, и тоа не институционално (иако и таков обид имало, а и сѐ уште има во светот, но и кај нас, преку злоупотребата на секуларизмот), но отфрлен е од срцето на современиот човек, кој иако се декларира како христијанин, во името на современото и модерното, прифаќа и промовира учења и идеологии крајно спротивни на Христовите учења и вредности.

Вистинската либерално – демократска држава е идеолошки неутрална. Доколку државата е правна, демократска и слободна и Црквата во неа има слобода на делување и мисија. Демократијата, повеќе од кој било друг политички систем, овозможува слобода на избор на делување. За да се осигури еднаквост и слобода, неопходно е организирање на демократски уредена правна држава. Црквата е за слободна држава која е заснована на начелата на правдата, правото, слободата, почитувањето и заштитата на човечкото достоинство на секој човек. Слободна држава и слободна Црква. Македонскиот народ своето културно изградување го поврзува со Христијанството, кое на овие простори започнува уште во првите векови. Бог го удостоил македонскиот народ да биде првиот европски народ кој го примил христијанството и кој живеел, создавал и опстанал низ вековите благодарение на тоа што се воспитувал и образувал преку Библијата како основен извор, стекнувајќи ја и градејќи ја својата вера и знаење. Македонија и македонскиот народ, во еден период во 20 век живееше во социјализам, во кој систем стануваше повеќе збор за административен атеизам – систем во кој сте обврзани да не верувате. Денес релативизмот и индивидуализмот изроди суеверен секуларизам, кој се обидува да најде решение за животот, без да има потреба од преземање на лична одговорност. Со тоа животот се сведува на практичен атеизам, каде верата во отсуство на Бог не е идеолошка, туку практична. Бог постои, но Тој не е тука и сега. Секуларната идеологија е обид да се наметнат животни вредности, со кои ќе биде отстрането било каква религиозност од јавната сфера, како конструктивна сила во општеството. Оттука прашањата за животот, моралот, социјалната политика и образованието не смеат да се формираат на ниту една друга основа, освен секуларноста, во која личноста се трансформира во поединец – индивидуа, кој се раководи исклучиво од прагматизмот.

Христијанството е изразито етичка религија која проповеда внатрешна морална преродба на човекот, во чиј центар е ставена смислата на моралот, неговата суштина и пронаоѓањето одговори, за суштината на моралното делување и однесување, односно како треба да се однесуваат луѓето во склад со моралот. Без овие вредности, без љубов, без мир, светот би бил поинаков, човековиот живот би бил празен, бидејќи љубовта за човекот е инспирација, свесно и морално да постапува и да биде подобра личност.  Верата, моралот, љубовта, слободата се поими на кои Христијанството се заснова. Единствена вистинска движечката сила во духовниот живот на христијанинот е љубовта, која е апсолутната причина за сè. Љубовта го храни и негува, верата го одржува, а надежта му е полна затоа што е свесен за својата иднина, за себе, за идните поколенија и има извесност во вечноста, која Самиот Бог ни ја гарантира.

Сите ние, на кои Христијанството ни е начин на живот, ја вреднуваме и цениме слободната волја на човекот, но за наше добро мора да сме свесни за слободата, но и совесност за предизвиците што таа ги носи со себе, за да можеме да разликуваме што е добро, а што не е, и по кој критериум ја правиме таа разлика. Слобода, но и трезвеност за либералните критериуми, кои во форма на мода и тренд се наметнуваат. И ние христијаните сме либерали, но нашите критериуми за разликување на тоа што е добро, а што не е, е Самиот Христос, преку Кој можеме да направиме јасна дистинкција што е слобода, а што злоупотреба на слободата.

Христијанскиот морал и вредности, не смеат и не треба да се редуцираат, за да се усогласат со модерните либерални стандарди, кои се нудат како современ начин на живот за секој човек и општество, зашто ако се наруши слободата на човекот преку насилниот авторитет, тогаш ја нема и љубовта, бидејќи љубовта и слободата се нераскинливо поврзани.

Токму затоа, преку предметот Етика во религиите на децата им се нудат морални содржини, а целта е да се понуди избор и да се покаже излезот од современото ропство на модерниот човек, не нарушувајќи ја притоа нивната слобода и слободна волја, и оставајќи ги слободно самите да го направат својот избор.

Сè друго е бесмислено делување и наметнување на нашата волја над другите, кои користејќи ја слободната волја избираат да бидат тоа што сакаат.  Самиот Бог му благословил на човекот сам да го прави личниот избор во секој негов миг од неговото раѓање, до крајот на сопствениот живот.

МИСИЈАТА НА ТЕОЛОГОТ – ПРОФЕСОР ПО ЕТИКА ВО РЕЛИГИИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Образованието е процес кој започнува со нашето раѓање и трае во текот на целиот живот, но организираното општествено живеење подразбира и организиран систем на образование. Основно во образованието е градењето на личноста преку стекнување на вредности. Денешното образование се сведува на информираност, а не на вредности. Човекот во текот на целокупниот живот прифаќа и гради вредности, стекнува знаења, развива вештини  и способности и на тој начин се интегрира во општеството – се социјализира.

Христијанското поимање на образованието пред сѐ значи „формирање на образот Божји во човекот“, развивање, градење и развој на личноста, но и стекнување на знаење. Академското образованието не е гаранција дека ќе се изградиме во личности со етички вредности и морални принципи. Етиката во религиите првенствено дава можност за морално и духовно воспитување и образование.

Катихизацијата е процес кој во текот на целата историјата ја следи Црквата и ако некогаш било незамисливо некој да може да влезе во црква без никакво знаење или процес на катихизација, денес искуството и реалната состојба ни сведочи дека значителен процент од нашите верници, немаат основни познавања за Христијанството, или во најдобар случај имаат основни познавања.

Професорот по Етика во религиите во училиштата има додатна нијанса на мисионерска дејност. Децата во училиштата не се целосно посветени на верата, нив треба верата да ги заинтересира, за разлика од парохискиот катихизам, каде се работи со луѓе кои се определени за верата. Во училиштата, акцентот е ставен на мисионерската дејност, а во парохиите во воведување во тајната на Црквата.

Предметот Етика во религиите е предмет кој се изучува во Основното образование во само една година во 6 (шесто) одделение и тоа како изборен предмет, во кој се изучуваат етичките вредности и моралните принципи и е религиско (а не религиозно образование), и има за цел да му помогне на младиот човек во формирањето на карактерот на личноста, за да може да ги препознае моралните вредности, а со тоа и можност да ги практикува во општеството.

Наставата се случува во училиштата. Децата кои доаѓаат на Етика во религиите веќе делумно имаат формирани сопствени ставови кои при процесот на образованието, едукацијата и социјализација ги усвоиле во своите семејства, но и од пошироката општествена средина. Според тоа, предавачот по Етика во религиите, при работата треба да има два значајни моменти во предвид:

а) психологијата на детето и

б) општествениот контекст во којшто се одвива наставата – обуката и поучувањето.

Во социологијата постои изрека која гласи: „Сите ние многу повеќе личиме на времето во кое живееме, отколку на своите родители“. Наставниците  треба да го имаат сето ова во предвид. Нашите теолошки промислувања мора да ги имаат во предвид социјалните и културните околности во кои се одвива поуката, преку обработка на наставни програми и планови, како и методи својствени за современиот наставен процес на образованието, доколку сакаме децата да пројават интерес за христијанските вредности, кои се основа на етичките и моралните вредности.

Во исто време, преку личноста на наставникот по Етика во религиите, Црквата се сретнува со своите номинални верници – христијани кои се дистанцираат од Црквата – доаѓа во комуникација со учениците, родителите и училишното опкружување, со самото население кое секогаш е подготвено за критика, па и критицизам. Секоја аномалија во Црквата како целина, но и индивидуална постапка на свештенството, ненавремено јавно објаснета е главна тема за разговор, но и критика.

Преку предметот Етика во религиите во државното образование, е ставена на испит , но и јавен суд-критика, способноста на Теологијата денес да се сврти кон светот, кон човекот и кон општеството. Од самото религиско образование во општеството се очекува да послужи како противтежа на училишното секојдневие, која претежно е насочена на постигнувањата и во која владее општествениот притисок за успех.

Теологијата, а со тоа и религиското образование со своите научни дисциплини како референтна научна дисциплина се наоѓа пред предизвикот на интердисциплинарните соучествувања со останатите научни дисциплини. Само прифаќајќи ја реалната општествена стварност ќе можеме да бидеме во главните текови на животот, таму каде што се создава културата на една епоха, таму каде што на христијаните и на Црквата им е вистинското место.

Советот на Европа веќе неколку години свесно го обработува прашањето на религискиот плурализам и религиозната димензија на мултикултурниот дијалог и препорачува религиозно воспитување и образование во училиштата, во согласност со темелите на вредностите на Европа.

Бирото за демократски институции и човекови права, Организацијата за сигурност и соработка во Европа, уште во 2007 година објави „начела за поучување за религиите и верувањето во јавните училишта“, каде на земјите членки на Европската унија им се препорачува воведување на религиозно образование кое е во склад со човековите права, кои ги одржуваат основните права на слобода, кои ја почитуваат улогата на семејството и верските заедници на конкретното подрачје – држава, и кое треба да се заснова на квалифицирани програми и образование на наставниците.

Дебатите за религиското образование во училиштата во Европа, со години наназад не се однесува на тоа дали треба да постои или не, туку на кои основи ќе се изучува, како и на постојана надградба на квалитетот на постоечките модели, форми и концепции. Целта е да се постигне религиско образование каде религиските педагози ќе бидат способни за плуралност. Различните концепции на верското образование се поврзани со самите општествени потреби и прилики и одговараат на одредени цели:

Учење на религијата/верата (Верска поука – Веронаука) (learning religion)

  воведување во конкретна верска традиција и подразбира изучување на конкретната конфесионална Веронаука, која се подразбира како катихеза во училиштето.

– Учење за религијата (learning about religion) подразбира запознавање со религијата, знаење за религијата и нејзиното значење за припадниците на конкретните верници на тие религии, која подразбира државно-педагошки осмислено религиско образование за сите ученици, што се подразбира како чиста информација и не содржи конфесионални елементи.

– Учење од религиите (learning from religion) – примена на она што се учи за религиите на конкретните потреби на учениците, проширени цели на религиските доживувања и религиозното искуство, значењето на религијата за идентитетот и само (разбирање) на религијата од страна на учениците.

Во светот постојат различни форми на религиско образование, а тоа се конципира зависно од општествено–политичкото уредување на државата, видот на училиштето (општообразовни, стручни) и степенот на образованието (основно, средно). Оваа настава може да биде конфесионална, настава за религиите т. е. (верска настава, Веронаука) и неконфесионална настава за религиите.

Конфесионалното верско образование е систем кој ги внесува слушателите во суштината на религиозниот систем на кој му припаѓа слушателот. Таму се изучува верата и сѐ она кое е битно за изградба на еден верник.

Наспроти ова го имаме неконфесионалниот модел на верско образование, кој е извор на информации и запознавање со културолошкиот, општествениот и традиционалниот феномен на религиите во наша близина, но и насекаде во светот. Овој тип на религиско образование се потпира на поинаков пристап и поинакви методи, а како крајна цел има поинакви цели од конфесионалното религиско образование. Освен тоа голема е разликата и кој го предава т. е. кој може да го предава едниот и другиот тип на верско образование. Конфесионалното е во тесна врска со теолозите, а неконфесионалното е „професија“ на историчари, социолози, филозофи и теолози.

Веронауката во Македонија, за прв пат беше воведена во текот на учебната 2002/03 година во Основните училишта, како факултативен предмет во трето одделение и беше застапен со еден час неделно. Вероучителите беа вклучени во наставата и придонесоа веронауката да има одличен прием кај младите ученици, но и кај нивните семејства. Самиот предмет преку содржините даваше широки творечки можности, од сликање и пишување литературни творби, до осознавање на вистинската грижа и правилен однос кон Божјото создание. Овој предмет, без воопшто да се согледа понудата на содржината од правно–формални и дневно–политички цели, беше укинат од Уставниот суд во 2003 година. Повторното воведување на предметот Веронаука во учебната 2008/09 година, како изборен предмет во петто одделение, ја доживеа истата судбина, кој со ист изговор повторно беше укинат со одлука на Уставниот суд. По една учебна година пауза, предметот Етика во религиите го зазема местото на предметот Веронаука во учебната 2010/11, како изборен предмет, во шесто одделение.

Новиот профил на вероучителот – професорот по Етика во религиите, подразбира:

  • Интердисциплинарен поглед (дијалог со науката);
  • Меѓурелигиски дијалог;
  • Дух на соработка со различните конфесии;
  • Промотор на значењето на теологијата во општеството.

ВОСПИТНАТА УЛОГА ВО ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Основното образование во Република Македонија е задолжително образование, кое се изведува девет години. Тоа е период кога децата се описменуваат, но и се стекнуваат со соодветни знаења за возраста. Во основното училиште воспитно-образовната работа се организира и остварува според наставен план и програми за реализација на наставата кои ги изработува Бирото за развој на образованието.

Според наставниот план изработен од Бирото за образование, предметот Етика во религиите е изборен предмет во шесто одделение, кој е застапен со два часа седмично или 72 часа годишно. Самиот предмет е поделен на општ и посебен дел. Библиските, христијанските етички вредности и морални принципи се разработуваат и изучуваат во изборниот дел – третата тема од предметот Етика во религиите, кој е застапен со 42 часа на годишно ниво.

Наставниот план по предметот Етика во религиите изработен од Бирото за образование, според  распоредот на содржините и активностите, дава основа секој ученик да се запознае со етичките и моралните вредности, да стекне основни знаењата за етиката и моралот преку разработка на библиските содржини и вредности.

За изведување на наставата се користи учебник  издаден од МОН на РМ, како и прирачник изработен од Бирото за образование.

Библиските теми кои се разработуваат во предметот Етика во религиите се конципирани вака:

Тема III: Етиката во православното христијанско учење

Настанокот на православното христијанско учење; Раѓањето на Спасителот Господ Исус Христос; Најважни случувања од животот на Господ Исус Христос; Христовата смрт и воскресение; Црквата го продолжува Христовото дело; Основни поими за христијанско учење; Содржина и поделба на Библијата.

Тема V: Православен христијански морал

Добродетели – вредности на христијаните; важни одлики кои треба да ги поседува секој христијанин, покајание – преиспитување на себе си; законот на љубовта – најголем закон даден од Бога; благодарноста на човекот кон Бога; чувај го дарот на животот и животот на другите; христијанско вреднување на работата; сакај ја вистината со зборови и дела; што значи да се биде верен.

Базичните пораки на Евангелието се:

– Љуби Го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, сиот свој разум и со сета своја сила.

– Љуби го ближниот свој како што се љубиш себе си.

– Прави им на другите она што сакаш тие да ти прават тебе.

– Не судете, за да не бидете судени.

– Проштевајте им на другите, ако сакате Бог да ви прости вам.

– Љубете ги своите непријатели и молете се за оние кои ве прогонуваат.

– Не грижете се за храната и облеката. Барајте го најнапред Божјото Царство и Неговата правда, и сето тоа ќе ви се додаде.

– Молитвите, постот и милостината треба да бидат дискретни. – Бог сака внатрешна искрена побожност, а не надворешна.

– Што и да побарате од Мојот Татко во Мое Име, ако молите со вера и не се сомневате, ќе ви биде дадено.

– Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание!

Основите на евангелските текстови се засноваат на искрена љубов на човекот кон Бог, која се реализира преку љубовта кон Бог и кон ближниот, а билжен за христијаните е секоја човечка личност.

Етиката во религиите го поттикнува напредокот во разновидните христијански и општочовечки добродетели, а пред сè, го обновува изворот на добродетелите – односно верата во Бога. Верата Го спознава Бог како вечна Вистина. Верата ги раѓа сите други добродетели, како надежта и љубовта. Христијанските добродетели ја насочуваат личноста да Му служи на Бога и на ближниот. Предметот Етика во религиите ги упатува нашите деца на другиот човек како кон личност, како кон непроценливо добро од кое зависи и нашиот живот. Првата и основна цел на овој предмет е да им ја открие на учениците христијанската вистина за човекот како личност. Етиката во религиите образува благодарствена свест за светот, ги учи младите да бидат благодарни за сè на Бога, на родителите, на ближните, како и грижа за овој свет како заеднички дом кој треба да се чува и негува.

Но, со останување на Етиката во религиите како изборен предмет, само во една година од системот на државното образование, се ризикува библиските вредности, кои се воедно и културолошки и цивилизациски вредности на македонскиот народ, формално да постојат, но суштински христијанските вредности да бидат отфрлени.

ЗАКЛУЧОК

Денес македонското општество, разбрано како мултикултурно општество, како еден од начините за усвојување на религиските и етичките вредности, но и зголемување на религиската толерантност во училиштата и општеството воопшто, го воведе предметот Етика во религиите во основните училишта. Секуларизацијата е процес на дијалог на општеството и религијата и треба да се разликува од атеизмот. Религијата треба да биде присутна во училиштата не само како информација, но не смее да создава фанатични следбеници, што е подеднакво опасно и за верата и за општеството.

Предметот Етика во религиите е единствениот предмет во јавното образование, кој се заснова на библиските и етичките вредности, кој како изборен премет во една година од основното образование не ги задоволува потребите на учениците од автентично објаснување на Библијата и библиските вредности. Етичкото религиско образование има голем интерес кај младите, од кои зависи иднината на човештвото. Етиката во религиите првенствено има за цел, да ги запознае младите со библиските вредности, да формира поглед на свет кој се заснова на љубов кон човекот и Бог, меѓусебна почит, искреност и уважување на секоја личност и сето тоа да го примени во конкретниот живот. Самите ученици преметот Етика во религиите го доживуваат: како простор на слобода, можат слободно да го одбираат, но и не мора да го одберат, можат слободно да го изразат своето мислење и да разговараат за теми кои нив ги интересира.

Односот на раководните луѓе во државното образование во Македонија кон Религиозното образование и библиските вистини води кон релативизам на библиските и религиските вредности, кое неминовно води кон суеверие кај обичниот народ, но и кај високо образованите граѓани во Македонија – состојба која преминува во недостиг на интерес за духовноста, недостиг на взаемна доверба и откажување од верата на голем број луѓе кои себеси се сметаат за верници.

Христијанските вредности се отстранети од јавниот живот и од државното образование и не е тема за разговор. Библиските вистини денес преставуваат филозофско теоретизирање и се сведуваат на прашањето дали постои Бог, отколку да се дискутира за вистинските последици за нечиј живот доколку навистина Бог постои. Како наставен предмет, Етиката во религиите не е конкурент на другите наставни, научни предмети. Таа само им овозможува на учениците, освен за природните науки, да учат и за непроменливата, вечна библиска вистина.

ЛИТЕРАТУРА:

Радован Биговиħ, Црква и друштво.

http://www.verujem.org/pdf/grigorije_niski_stvaranje_coveka.pdf.

Radoviђ Amfilohije, Osnove pravoslavnog vaspitanja, studije 1983.

http://veronauka.sabornost.org/zoran-krstic-veronauka-u-sluzbi-vaspitanja-za-vrednosti

http://www.codices.coe.int/NXT/gateway.dll/CODICES/full/eur/mkd/mkd/mkd-2003-3-004?f=templates$fn=document-

frame.htm$3.0http://bro.gov.mk/docs/zakonodavstvo/osnovno/Odluka_na_Ustaven_sud_Zakon_za_Osnovno_obrazovanie_15042009.pdf

http://www.mon.gov.mk/images/documents/zakoni/2015.pdf

http://bro.gov.mk/docs/izborni_predmeti/Etika%20vo%20religiite%20konechna%20verzija.pdf