Црковното евангелие преку медиумите

2018-06-20T10:42:41+00:00 28 октомври, 2017|Публикации|

Предавање на Семинар ХРИСТИЈАНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ЕВРОПА, 28 октомври 2017 лето Господово

Ангел Карадаков – теолог и редактор на официјалниот сајт на БПЦ и главен редактор на сајтот Добротољубие

Живееме во време кога човекот постојано е преплавен со информации. Протокот на информации се одвива во текот на дваесет и четири часа, седум дена во неделата. Во толкаво море од информации човек тешко може да процени што е корисно, што е вредно и што е вистинито. Разграничувањето на лагата од вистината, гревот од доблеста, светото од вулгарното е тешко и за најголемиот мудрец. И бидејќи во Евангелието не еднаш е спомнато дека „времињата се лукави“, издвојувањето на вистината од лагата станува претешко, а понекогаш и невозможно. Забележуваме дека во Бугарија пазарот во сферата на радио и телевизиските компании, и на новите медиуми е зголемен за 58,7 % во периодот 2008 – 2012 година. Најголем дел од новопојавените фирми на медиумскиот пазар во овој период си создале сопствени веб портали, а бројот на овие информатички платформи е зголемен дури  за 248,7 %.

Ова се гледа од анкетата за економскиот придонес на медиумите во Бугарија, дело на Опсерваторијата за економија на културата, заедно со Националниот институт за статистика.

Медиумите се зголемуваат, а со нив и бројот на новинарите, но каде е местото на Црквата во медиумите и може ли Православието да прави проповед и надвор од Црквата? Пред да одговориме на овие прашања, треба да се запрашаме – Која е улогата на новинарите?

Новинарот е човек кој се занимава со новинарство, собирање и ширење на информации за општествени појави, трендови, важни теми и луѓе. Терминот се јавува во раниот XIX век и тогаш означува само луѓе кои пишуваат за периодични изданија (или журнали). Многу луѓе сметаат дека новинарот и репортерот се едно и исто. Но репортерот е само еден вид новинар, заедно со фотографите, колумнистите, главните уредници итн. Во денешното општество, новинарот има добиено посебно место во свеста на луѓето. Од него се очекува професионализам во преносот на настани, безусловно придржување кон вистината и новинарска етика.

Журналистиката има развиено различни етички норми и стандарди. Иако објективноста и отсуството на пристрасност се од огромно значење и важност, некои полиберални видови новинарство, како што се пропагандата или активизмот намерно усвојуваат необjективна гледна точка. Ова се случува сѐ повеќе со навлегувањето на социјалните медиуми и блогирањето, како и други методи, кои се користат за манипулација или промена на социјални и политички ставови и политики. Овие методи најчесто се карактеризираат со крајна пристрасност, бидејќи изворите не се подложени на контрола, па дури и не се сметаат за неопходни за да се напише или објави еден краен производ.

Од горенаведеното станува јасно дека главната улога на новинарите е да ја информираат јавноста, да го поставуваат основниот тон на јавната дискусија во врка со проблемите, поставувајќи ги точните прашања. Важно е да се напомне дека во минатото информираноста беше слаба. Не сите луѓе располагале со книги, а уште помалку знаеле да читаат. Веста за некој важен настан за смртта на важен човек или за победа на бојното поле патувала со денови, недели дури и месеци. Ние денес сме прилично привилегирани од аспект на тоа, наместо да го чекаме гулабот – писмоносец – да донесе лист со информации, едноставно притискаме две копчиња и ги добиваме сите информации во светот – на сите јазици, заедно со слика, видео и аудио формат. И не само како шега, можеме слободно да кажеме дека сме поинформирани од нашите предци.

Во ова море од вести, медиуми и постојан проток на информации Црквата брзо се ориентирала и го зазела своето место.

Уште со појавување на печатарска машина, првата книга што била отпечатена на новобугарски јазик е „Кириакодромион, односно Неделник“ (или само „Неделник“ или „Софрониј“). Тоа е првата испечатена книга на новобугарски јазик. Составена е од св. Софрониј Врачански и е издадена во 1806 година во романскиот град Римник. Од неколкуте завршени дела на Свети Софрониј, ова е единственото дело кое тој успеал да го отпечати. Книгата претставува збирка од 94 неделни и празнични проповеди и поучни слова, собрани во 530 страници, хронолошки подредени според редоследот на годишните празници на кои се однесуваат.

Со развојот на печатарството, започнуваат масовно да се печатат книги со црковна тематика. Исто така е отпечатена и Библијата, а потоа и многу слова на Отците на Црквата. На пример, во 19 век, Зографскиот манастир Света Гора се прочул по својата плодна дејност во поглед на печатењето книги. Во манастирот имало печатница, која се занимавала со издавање на православна литература. Овој период, всушност, се поврзува со големиот подем на Светата Обител. Како резултат на тоа започнува да се печати исто така и бројна богослужбена литература, вклучително и служебници, типици, минеи и друго.

Истовремено со печатарството и дистрибуцијата на печатени публикации, се јавува и голем подем во издавањето на весници. Издавањето на весници што започна во XVII век во Западна Европа, ја поттикнало Римокатоличката црква да почне со издавање на свои печатени изданија, како весници, брошури и сл. На крајот на XIX в. во турскиот главен град, егзархот Јосиф I вложил многу труд и напор, за да издејствува дозвола за издавање на самостоен црковен весник. Бугарската егзархија почнала да издава свој печатен официјален весник – „политички весник, научно-литературен и духовен” во текот на следните 22 години, Првиот број на весникот „Новини“ (од 1898 година преименуван во „Вести“) излегол на 27 септември 1890 година, а последниот – на 9 октомври 1912 година. Поради критикување на турската власт, во неколку наврати весникот бил забрануван, но наместо него, пак, излегувал друг весник насловен како „Глас“. Весникот на Бугарската Егзархија бил наменет за бугарското население во тогашните предели на Турската империја, кои сѐ уште биле надвор од Кнежевството, а во него биле објавувани не само верски, туку и културни и политички вести од Кнежеството Бугарија.

На 5 февруари 1900 година, Бугарските синодални архиереи го донеле следново решение: „Со оглед дека од одамна се чувствува неодложна потреба од еден Синодален орган кој без да има  било каков политичко-партизански карактер, ревносно ќе се грижи за интересите на Св. Бугарска Црква, и среде свештенството и побожното население ќе распространува полезни и здрави информации од религиозен и морален карактер. Св. Синод одлучи да формира таков орган, а редакцијата да му ја довери на др. Мишев, тогашниот главен секретар на Св. Бугарска егзархија, познат по своето трезвено служење на Црквата и по своето вешто перо и здраво расудување. При тоа одлучи да го извести споменатиот и да го повика, доколку прифати, со претходен благослов од Неговото Блаженство, да дојде и да ја осмисли програмата на весникот и сите други прашања во врска со неговата материјална страна и да ги определи условите на неговата дејност“.

И така се раѓа денешниот официјален весник на Бугарската Православна Црква, кој излегува без прекин веќе 117 година и е вториот најдолго печатен весник во Бугарија. Во првата половина на XX век започнуваат да се издаваат многубројни периодични списанија, не само весници, туку и списанија, брошури, книги, зборници и друго, кои освен информативната, имале за цел кај читателите да поттикнат и интерес кон исконските православни вредности, вера и морал.

Така на пример во средината на XX в., за да се спротивстави на опасноста од ширење на комунистичките идеи, со благослов на Светиот Синод на БПЦ, во текот на 1919 година започнува издавањето на полумесечното списание „Народна Гарда“, со Иван Снегаров како негов главен редактор. „Народна Гарда“ е посебен мисионерски орган за „борба со безверието, бесчестието и неправдата“, кој од име на православната интелигенција, „поставувајќи се над политичките партии, со научна објективност и строга непристрасност си поставува за цел да ги објаснува црковно-општествените појави и да го покажува вистинскиот пат кон социјалниот развој“.

Уверени во приматот на христијанските животни начела над сите други социјални учења, редакторите се стремат да ги убедат читателите во применливоста на христијанското морално учење во животот, истакнувајќи го христијанскиот светоглед во поглед на главните политички и општествени прашања и преку разјаснување на вистинските основи на верата во Бога што беше разнишана по војната.

Во поново време има во Бугарија повеќе од еден православен медиум. На 19 јуни, кога Црквата го слави споменот на Св. Пајсиј Хилендарски, официјално беше отворен електронскиот сајт на БПЦ – Бугарска патријаршија. На него синодалните архиереи гледаат како на «едно ново средство преку кое Бугарската православна црква ќе ја продолжи својата вековна проповедничка, просветна и социјална активност во полза на луѓето и дека доколку интернетот се користи за зло, Црквата се смета за должна да му го спротивстави доброто“. Според замислата, медиумот има централен редакциски тим во Софија, чија што работа е помогната од регионални редактори во секоја епархија на БПЦ во земјата и во странство, какои во духовните школи и ставропигијалните манастири на БПЦ, кои имаат слободен пристап“.

Официјалниот електронски сајт на БПЦ-Бугарска патријаршија е природно продолжување на вековната апостолска, мисионерска, духовно-просветна и културна дејност на нашата Црква. Преку ова ново средство за општествено служење, БПЦ продолжува да работи за доброто и духовниот напредок на нашиот народ.

Освен официјалната веб-страница, постепено, со текот на годините, и одделните епархии исто така создаваат свои сајтови и печатени списанија. Тоа го прават и многу храмови и манастири во земјата. Тука можеме да ги споменеме, на пример сајтовите: arhangel.bg, predanie.bg, pravoslaven-sviat.org, pravmladeji.org – “Православна младина” – насочен кон младите луѓе и др. Списанието “Ајазмо”, “Камбанка”, “Кандилце”, “Православен глас”. Меѓу бугарските верниците популарни  се исто така и парохиските списанија.

Бидејќи самиот јас сум главен уредник на еден од најголемите сајтови – Добротољубие, ќе ве запознаам подетално со неговата историја и развој и како всушност тој ни помогна за ширењето на светото Православие во нашата земја.

„Добротолюбие“ е православен медиум основан во 2012 година На почетокот функционира единствено со цел објавување на православни проповеди, но подоцна активностите на „Добротолюбие“ се прошируваат. Во моментов во „Добротолюбие“ има над 1700 публикации, развиени се и продолжуваат да се развиваат 20 рубрики, меѓу кои: „вести“, „коментар“, „беседи“ и др. Исто така функционира и канал на социјалната мрежа YouTube. Периодично на сајтот се објавуваат преведени текстови од истакнати теолози и црковни отци, интервјуа, анализи, коментари и вести за актуелни настани, кои се однесуваат на Православието и Православната Црква во Бугарија и во светот.

Од почетокот на 2015 година, кон активностите на „Добротолюбие“ се додадени и издавањето на православниот електронски магазин „Светодавец“. Списанието е различно во својата суштина, бидејќи го покажува светогледот на младите христијани кои пишуваат на веб сајтот. Во него можат да се најдат интересни факти, приказни и вести. Читателите можат да читаат интервјуа со познати духовници и теолози, историчари на уметност, интелектуалци и писатели. Целта на „Светодавец“ е да го дополни „Добротолюбие“ и да го доразвие светогледот и толкувањето на случувањата околу нас, на творците и екипата на „Добротолюбие“.

На 4 октомври 2016 година тимот на „Добротолюбие“ започна емитување на свое информативно онлајн  предавање „Православието денес“, во кое заедно бараме одговори на прашањата: Каде е денес Православието? Има ли потреба да се промовира? Дали е во опаѓање или подем? Кои се пречките и проблемите што треба да ги надмине современото Православие? Емитувањето е еднаш неделно и може да се најде на каналот YouTube. Веќе има повеќе од 40 епизоди, меѓу кои интервјуа и разговори со истакнати професори по теологија, јавни личности, епископи и други. Во предавањето се покажува и различниот светоглед за нештата кои се случуваат во Бугарската Православна Црква, а за разлика од повеќето емисии, ние се стремиме да ја покажеме убавата страна, а за од нас допрените проблеми лесно наоѓаме решение, откако ќе ги погледнеме низ призмата на Евангелието и на илјадалетното искуство на Светата Црква.

На 5 јануари 2017 година, во пресрет на големиот христијански празник Богојавление, тимот на сајтот го отвори и своето православно онлајн радио. Таму може да се слушне повеќе за православната духовност, беседите и словата на Св. Отци, житијата на Светиите, како и песнопенија од целиот православен свет. Радиото емитува предавања, редовни емисии, вести и низа интересни рубрики поврзани со православното христијанство. Сето ова создава впечаток дека зад медиумот „Добротолюбие“ стојат стотици лева или, пак, раката на некој православен олигарх. Меѓутоа, вистината е дека зад овој медиум стојат млади луѓе кои се собрани околу идејата дека Православието треба на секаков можен начин да се проповеда во нашата земја. Најновите статистики на сајтот покажуваат дека посетеноста е значително зголемена од самите почетоци на сајтот, што укажува дека интересот не е намален, туку речиси двојно се зголемил.

Освен со објавувањето на материјали за актуелни настани, проповеди, слова  и преводи, тимот на „Добротолюбие“ се обидува да раскаже и за делото и личноста на Неврокопскиот Митрополит Борис, и за таа цел е создаден и блог во негов спомен, каде се собираат негови слова, проповеди, циркуларни посланија и статии од и за него. Екипата прави аудио записи и на житијата на Светиите, кои наскоро ќе бидат објавени и дистрибуирани.

„Добротолюбие“ беше и првиот православен сајт во Бугарија, кој започна да емитува во живо на социјалната мрежа Фејсбук и активно да се занимава со ширењето на Православието по социјалните мрежи. Освен тоа, морам да кажам дека од средината на минатата година и Св. Синод на БПЦ-БП има своја официјална страница на Фејсбук, која исто така активно се ажурира со видеа од црковните празници, вести и настани од животот на Бугарската Православна Црква, како и емитување во живо на богослужби и настани од животот на Светата Црква.

Од 01 јули 2017 година, Св. Синод на БПЦ за прв пат во историјата на нашата Црква и на новинарството, започна официјална соработка со еден од најголемите дневни весници во земјата, весникот „Стандард“, во којшто секој петок, кога тиражот на весникот надминува 40 илјади, се објавува црковна рубрика. Нешто подоцна, на иницијатива на самиот весник почнаа да се водат уште три црковни рубрики и така, речиси секој ден, Бугарската Православна Црква има свое место во еден од најголемите дневни весници кај нас. Идејата која тогаш ја оствари Св. Синод, поттикна голем дел од медиумите, кои исто така изјавија желба за соработка со Бугарската Црква, при што многу од нив создадоа свои православни рубрики, емисии или изнајдоа начин на којшто самите можат да ја помагаат Црквата во проповедањето на верата.

Како заклучок, можам слободно да кажам дека современиот амвон на Црквата се медиумите. Токму преку нив Црквата треба да ја води проповедта. Не треба да се плаши, туку напротив да учествува што поактивно каде што е тоа можно, та словото Божјо да стигне, а и стасува до повеќе луѓе, и оние што ќе слушаат, да поверуваат и да не бидат повеќе неверници туку верници, следејќи го во својот живот, примерот за вистинската и неприкосновена љубов што Самиот Христос ни ја покажа на Крстот.